КАДЕТИТЕ НА ФК БЕЛАСИЦА БЛИСКУ ДО ПЛАСМАН ВО ФИНАЛЕ ВО КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

Вчера во 13:00 се одигра првиот полуфинален натпревар од „купот на Македонија“ помеѓу кадетите на ФК Беласица и ФК Работнички кој заврши со минимални 1:1. Натпреварот се играше во Скопје, на фудбалското игралиште „Алумина“.

Одличен натпревар, збогатен со многу удари кон голот и на двете страни. Желба за надигрување и борба на секој дел од теренот прикажаа и двете екипи, а посебно нашите фудбалери за кои може да се каже дека „изгинаа на терен“, и машки се бореа за секоја топка, од почетокот до крај на мечот.

Иако аутсајдери во овој двомеч, како екипа која се натпреварува во втората по ранг младинска фудбалска лига, а за противник ги имавме фудбалерите на ФК Работнички кои се лидери на табелата во кадетската Супер лига, без ниту еден пораз, и со 15 победи и 3 нерешени средби, нашите кадети беа рамноправен противник во текот на целиот натпревар.

Нашите фудбалери дојдоа први до водство на натпреварот со голот на Благој Истатов, по еден одличен соло продор по левата страна на теренот, и од мртов агол во 66 минута од мечот ја затресе мрежата и ги шокираше домаќините.

После водството од 0:1, домаќините се обидоа преку нафрлени топки да го израмнат резултатот, но нашата одбрана добро реагираше во повеќето ситации. На овој резултат креиравме и уште 2 шанси за гол, но сепак не успеавме да го зголемиме водството.

Во 87 минута од натпреварот, следуваше слободен удар за домаќините. Па во една мешаница пред голот, домаќините успеаа да го израмнат резултатот на 1:1, резултат со кој се и заврши натпреварот.

Супер резултат и гол во гости кој ни дава право да се надеваме на пласман во финале.

Честитки до сите фудбалери за одлично прикажаната партија, честитки и до тренерот Ристо Андонов за одлично поставената игра.

Повратниот натпревар од овој полуфинален двомеч се игра идната недела, а јавноста ќе биде навремено известена за денот и времето на одигрување на натпреварот.

Браво момци, горди сме на вас.