ОСНОВАЊЕ И ПОЧЕТОЦИ

Кон крајот на Првата светска војна, англиските војници од составот на сојузничките сили, во слободното време во дворот на струмичката касарна играле некаква игра со топка, дотогаш непозната за месното население.

Младината и децата со голем интерес ги следеле разиграните војници и нивните движења. Набргу младинците започнале да се групираат и да формираат маалски групи и со парталави или топки направени од волна и козина, за да бидат полесни, почнале да играат фудбал. Кога фудбалската топка започнала да отскокнува и на зелените ледини кај јаворите до Ќерамидарката на Галевци (тоа место е во кругот на касарната), потоа на ширините каде што сега се наоѓа “Грозд“ и кај училиштето “Димитар Влахов“, никој не помислувал дека фудбалот ќе стане “најважна споредна работа на светот“.

Во прво време меѓу еснафите, од трговците и газдите можеле да се слушнат дофрлувања во потсмев дека “трчањето по тркалезниот предмет кој отскокнува“ го практикуваат најмногу “ајманите“ и “безделничарите“.

Во наредните неколку години во Струмица биле формирани неколку маалски фудбалски клубови кои организирале меѓусебни натпревари, за кои биле заинтересирани се поголем број граѓани. За нив тие претставувале своевидна разонода.

Кога дознале дека во Скопје и во неколку други градови биле формирани фудбалски клубови кои биле регистрирани и се натпреварувале во рамките на Лоптачкиот сојуз, поголема група младинци од занаетчиските и трговските дуќани во Струмица покренале иницијатива за основање на фудбалски клуб.

ОСНОВАЧКО СОБРАНИЕ НА ФК БЕЛАСИЦА ВО 1922 ГОДИНА

“Во август 1922 година во кафеаната на Ташо Тодоров, на улицата која води до православната црква „Св. Кирил и Методиј“ се собравме педесетина иницијатори и на основачко собрание беше формиран Фудбалскиот клуб Беласица. Името на клубот и сино-белата боја однапред беа договорени меѓу нас и околу тоа немаше никаква дилема” – се сеќава еден од иницијаторите и прв капитен на на тимот Ѓорѓи Цинцев.

Иницијатори и основачи на ФК Беласица

ФК БЕЛАСИЦА НИЗ ВРЕМЕТО

Прв ред: Митко Кабранов, Ѓорги Босиљанов, Нијази Сулејманов, Горѓи Антароров, Кирил Динков, Миле Витанов, Кочо Темков и Васил Нецев. Втор ред: Томе Кујумциев, Васил Динев, Гоше Попандонов, Ѓорги Москов, Усеин Бег, Ристо Симитчиев и Ѓорги Цинцев. Трет ред: Мито Адикотаров, Сандо Морарцалиев, Спиро Маказлиев и Јанко Адијанков.

За прв претседател на ФК Беласица бил избран Ѓорги Москов, за секретар Томе Кујумциев, а за благајник бил избран Ристо Перов.

ПРВОТО ИГРАЛИШТЕ

Не се знае точно кога била набавена првата кожена топка. Постојат искажувања дека првата топка е купена од некој жител на блиското село Баница, кој ја добил од англиските војници кога ја напуштиле Струмица. Се споменува и тоа дека првата топка ја донел од Турција еден од браќата Усни и Назми Бег. Најсигурен е податокот дека истата година кога бил формиран фудбалскиот клуб Беласица, од Загреб била купена нова фудбалска топка.

Првото службено игралиште на ФК Беласица било направено кај трите јавори до Ќерамидарката на Галевци, а подоцна е преместено на локацијата каде сега се наоѓа фудбалскиот стадион „Младост“. На местото каде се наоѓа „Грозд“ било игралиштето на ФК Тиверија која е формирана две години подоцна, додека игралиштето на ФК Шумадија (формирана 1925 година ) било на ширините каде сега се наоѓа училиштето Димитар Влахов.

ПРВИОТ НАТПРЕВАР И СОСТАВ НА ФК БЕЛАСИЦА

Според правилата на тогаш постојниот Лоптачки сојуз, за да биде регистриран новоформираниот фудбалски клуб Беласица, требало да одигра сужбен натпревар со некој од постојните клубови во Македонија. Таков натпревар е одигран помеѓу Беласица и Победа од Скопје.

Според сеќавањата на Киро Панов-Карата, на првиот официјален натпревар ФК Беласица настапила во следниот состав: Ставре Атанасов (голман), Илија Маказлиев и Д. Радониќ – бекови, Киро Панов, Мито Ацикотаров и Миле Урдинов – халфови, а во навалата играле Павловиќ (по сеќавање), Сандо Морарцалиев, Ѓорѓи Цинцев, Цветко Миладиновиќ и Васил Динев. Играчите на Победа не се согласиле Беласица да биде засилена и со Усни Бег, наводно поради тоа што истиот настапувал за фудбалската репрезентација на Турција.

Покрај предходно споменатите, активни играчи биле и: Кирил Динков, Мито Кабранов, Ристо Косев, Ѓорги Србаков и други.

“Голема желба постоеше не само кај младите фудбалери, туку и меѓу граѓаните, за формирање на фудбалскиот клуб Беласица. Голем број симпатизери веднаш се зачленија како активни или почесни членови и добротворци, како што ги викавме во тоа време”, вели еден од првите претседатели на управата на ФК Беласица, Ристо Симитчиев кој неколку пати по ред бил избиран, а потоа и прогласен за почесен претседател на клубот. Охрабрени од поддршката и големото интересирање од љубителите на фудбалот, а со цел да ја збогати разонодата на граѓаните, управата на клубот, покрај фудбалска екипа, формирала и своја дилетантска група со која раководел учителот Сима Симиќ.

Скоро при секое гостување во Гевгелија, Радовиш, Штип, Велес и во други места, заедно со фудбалската екипа одела и дилетантската група со оркестарот на Друштвото. По фудбалскиот натпревар редовно била организирана културно-забавна приредба. На ист начин, при гостувањето во Струмица биле пречекувани друштвата од споменатите градови. 

Всушност фудбалските натпревари и приредбите повеќе години по ред им биле единствена разонода на граѓаните. Интересно е тоа што мнозина од фудбалерите на ФК Беласица биле истовремено и членови на оркестарот. Некои од нив како Томе Кујумциев, Миле Урдинов, Горѓи Цинцев, Гошо Гарванлиев и други, за времето на немиот филм, додека траело проектирањето на филмот, во бараката на Петар Белев и со помош на агрегатот на Никола Бацаков, доброволно и самоиницијативно свиреле со своите гитари и мандолини, за што бурно биле наградувани со аплаузи од страна на гледачите. Сите овие и други слични активности оделе во прилог на постојаното зголемување на популарноста на првиот спортски колектив во историјата на Струмица.

 

ФК БЕЛАСИЦА НИЗ ВРЕМЕТО

Ѓорѓи Цинцев – Основач и капитен на ФК БЕЛАСИЦА

ПРВИОТ КАПИТЕН И ТРЕНЕР НА ТИМОТ

Првиот капитен на фк Беласица Горѓи Цинцев вели дека тајните на фудбалската игра ги научиле од Усни Бег, кој по завршувањето на Првата светска војна се вратил во неговиот роден град Струмица и прифатил да биде тренер на ФК Беласица.

Играчите биле на собир обично кога претстоел натпревар. Преку соопштение во клубските простории бил најавуван закажаниот натпревар и објавуван составот на тимот, заедно со неколку резервни играчи.

Тренерот Усни Бег, поради недостигот од други познавачи на фудбалските правила, често бил и фудбалски судија. По извесно време, судиската свирка ја презел тогашниот учител во село Владевци – Радош Вучелиќ, извршувајќи ја оваа функција се додека во улога на фудбалски судија не се појавиле Љамо Џатев, Bacо Калапоцев и Киро Панов-Карата. Радош Вучелиќ судиската кариера ја продолжил и по Втората светска војна, достигнувајќи до функцијата републички фудбалски судија.

Во периодот од неколку години по основањето на Беласица, тимот најчесто се натпреварувал со месниот клуб ФК Тиверија (официјално формиран две години подоцна) и со екипата на Гарнизонот на војската, каде што секогаш имало добри војници – фудбалери од разни градови на Кралството Југославија. За некои важни натпревари со екипи надвор, ФК Беласица редовно користела фудбалери од Гарнизонот како засилување.

ПРВАТА ГОЛЕМА ТУРНЕЈА

Само две години по основањето, во 1924 година, ФК Беласица ја организирала една од своите најголеми турнеи. Покрај Скопје, друштвото со својата фудбалска екипа и дилетантската група – со вкупно 24 членови, гостувале во Ниш, Белград, Нови Сад, Сараево, Дубровник и во Сплит. На оваа турнеја ФК Беласица го претрпела сигурно најголемиот пораз во деветдецениската историја со резултат од 0:10 од БСК во Белград. Топката десет пати ја вадел од мрежата тогашниот голман Костаке Шопов.

ШТИПСКА БРЕГАЛНИЦА – ВЕЧЕН РИВАЛ

Уште од почетокот по формирањето, ривал на Беласица бил тимот на Брегалница од Штип. Средбите помеѓу двата тима, сеедно дали се работело за првенствен или за пријателски натпревар, секогаш биле крајно неизвесни и привлекувале голем интерес. Беласица гостувала во Штип уште во далечната 1925 година. Ова гостување е значајно по тоа што натпреварот помеѓу Брегалница и Беласица се одиграл на старото фудбалско игралиште кај Железничката станица, по повод Пуштањето на Железничката Пруга Велес-Штип. Натпреварот завршил нерешено 0:0. Доколку Киро Панов-Карата не го промашил пеналот, Беласица ќе се вратела како победник од своето прво гостување во Штип.

ПРВИ СЛУЖБЕНИ НАТПРЕВАРИ

Првите пет години по основањето, Беласица самоиницијативно организирала натпревари во Струмица и гостувања во соседните градови. Поради зголемувањето на бројот на фудбалските клубови, се укажала потреба за формирање на фудбалски потсојуз во Скопје.

При неговото формирање на декември 1927 година, на територијата на тогашна Вардарска Македонија имало регистрирани 24 фудбалски клуба, кои до тој момент дејствувале без организирање на какво било првенство. По десет години од формирането на Скопскиот фудбалски потсојуз, бројот на клубовите пораснал на 25, кои биле распоредени во три потсојузни лиги (односно жупи, како што ги нарекувале во тоа време). Велешката жупа ја сочинувале три групи: Велешка, Штипска и Струмичка.

ФК Беласица повеќе пати била победник во Велешката жупа и потоа најчесто играла со прваците на жупите Скопје, БСК од Битола и Луботен од Тетово. Неколку пати Беласица играла квалификациони натпревари и со првакот на Косовската жупа Звечан од Косовска Митровица, која исто така била во состав на Скопскиот потсојуз.

Организираниот систем на натпревари во рамките на Скопскиот Потсојуз, уште повеќе го зголемил интересот кај младината за фудбалот во Струмица. За кратко време биле формирани повеќе маалски клубови. Во реонот на Бабак е формиран фудбалски клуб “Север“, во Чифликот “Хајдук” во реонот Варош “Вардар”, потоа “Балкан” и други.

Подоцна регистрираните клубови биле задолжени да формираат свои младински екипи. Маалските фудбалски тимови биле добредојдени за потребите на Беласица, Југославија и на Шумадија.

 “И фудбалерите, и ние од управата, бевме обземени со ентузијазам и желба за унапредување на фудбалот, работејќи во услови на вистински аматеризам”, се сеќава Славко Китанов, човекот кој на годишното собрание на Беласица, на 3 мај 1956 година, бил избран за доживотен претседател како заслуга за напредокот на клубот, откако во текот на претходните девет години бил претседател и потпретседател на управата на ФК Беласица, а воедно повеќе години бил член на Управниот одбор на Скопскиот лоптачки сојуз.

Средства за живот на клубот се обезбедувал од влезници на натпреварите и тоа со доброволна наплата, како и приходи од приредбите и игранките што ги организирала Беласица во тогашните кафеани “Бал Кан”, “Југославија” и “Бристол”. Значаен извор на приходи биле и доброволните прилози од сопствениците на занаетчиски и трговски дуќани и прилози од симпатизерите.

 “Најголемиот број играчи во Беласица во тие години беа Калфи и чираци од редот на занаетчиската младина шивачи, кујундии, продавачи, кафедии, кондураџии, бравари и други. Само од нашиот шивачки салон”, вели Славко Китанов, “секогаш имаше по пет-шест фудбалери на Беласица, меѓу кои беа Никола Василев-Цилето, Митко Китанов, Ташо Масев, Киро Бинев и други. Се трудевме секогаш да најдеме рамнотежа меѓу нивните обврски како работници, од една, и како фудбалери од друга страна, кои еднаш или двапати неделно требаше да одат на тренинг.”

Поради окупацијата на Македонија од Бугарија во април 1941 година, фудбалот во Струмица извесно време ќе замре. Окупаторската власт посебно внимание посветувала на здружувањето на граѓаните, покрај другото и во спортот. Поради тоа, при една провала во редовите на КПЈ во почетокот на 1942 година и апсењето на членовите на КПЈ и СКОЈ, во затвор се најде и осомничениот поштенски службеник и фудбалер на ФК Беласица – Сандо Масев. Тешко болен излегува од затворот и во пеколни маки почина во скопската болница на 12 мај 1942 година. Поради обидот – организирано и на достоинствен начин да се простат на погребот од својот другар и спортист, Ристо Николов, бербер, и другите членови на управата на ФК Беласица имале неприлики со окупаторската власт.

Но и покрај тоа, година по иницијативата во 1942, фудбалските ентузијасти: Јордан Бокото, Павле Јаков, Bace Грчев, со вклучување и на фудбалери од училишната младина, меѓу кои Ристо Буралиев, Сандо Белев, Костадин Ишинев, Илија Костов, Трајко Атанасов и други, Беласица започнала повторно со својата активност и организирала гостувања во Гевгелија, Радовиш и во Штип. Во сезоната 1942/43 година Беласица е вклучена во системот на натпреварување во Горнодумајската област и гостувала во Петрич, Свети Врач (сега Сандански) и Горна Думаја (Благоевград), а на пријателски натпревари струмичките фудбалери гостувале дури во Серес, Софија и во Ловеч.

Зголемената популарност на фудбалот во градот, како и неговото присуство во секојдневниот живот на граѓаните, постојано биле предмет на внимание и следење од тогашната власт. Со цел да го сопре порастот на рејтингот на Клубот, како една од првите мерки на власта била наредбата ФК Беласица веднаш да го смени името, наводно поради тоа што тоа име било “комитско”. Доколку не го сменат името, членовите на управата и играчите потпишале изјава пред околискиот началник дека нема да се мешаат во работата на фудбалскиот клуб Беласица.

“Во есента 1956 година Беласица остана без управа и без активни играчи”, вели првиот голман на тимот од тоа време Ристо Филоипов-Ицо (фурнаџијата). Додека се донесе одлука што понатаму, тој ја презема опремата и архивата на Беласица кај него, продолжува да тренира  и формира нова екипа. Во сезоната 1956/57, поради таканаречената суспензија, ФК Беласица не учествувала во првенството на Велешката жупа.

Суспензијата на ФК Беласица според сеќавањето на Ристо Филипов, траела само една сезона. Веднаш потоа бил договорен натпревар со Плачковица во Радовиш, кој завршил со победа 6:1. Бил обновен и составот на управата: Панче Грчев, Киро Бошнаков, Ванчо – Васил Кацарски, Владимир – Мирчо Белев и Ристо Витанов. Во пролетта 1957, од постарите фудбалери во ФК Беласица останале само Киро Карата, Ристо Филипов, Мито Стојанов и Душко Панов. Во обновениот состав се појавиле и Ристо Ристоманов (голман), Алеко Фиданчев, Јордан Николов-Бокото, Киро Динев, Ристо Витанов, Стојан Косев, Сандо Масев, Славчо Минанов, Методи Босиланов, Никола Трендов Дилето, Јанко Јанев и Душко Панов. Покрај овие настапувале Миле Киров, Павле Јаков и Митко Китанов.

По консолидацијата на тимот, ФК Беласица во 1958 година повторно станала победник во Струмичката, а потоа и во Велешката фудбалска зона. Во меѓузонскиот натпревар со првакот на Косовската жупа Звечан од Косовска Митровица, Беласица на гости била поразена со 1:7, додека во реваншот на свој терен, со двата гола на Методи Босиланов, и по еден на Славчо Минанов и на Џилето, ФК Беласица победила со 4:2.

ПОД НОВО ИМЕ – ИЛИНДЕН

Во почетокот на 1945 година, со неколку искусни фудбалери од предвоениот период и млади играчи, започнала активноста на водечкиот фудбалски клуб, но сега со поинакви услови и под ново име Илинден. Во прво време, најчесто средби се одржувале помеѓу Илинден и месниот ривал Тиверија, која по ослободувањето, исто така добила ново име Полет. 

Боите на Илинден две-три години по ред ги бранеле Димитар Панов, Ѓорги Миленков, Тимо Ефтимов, Васил Грчев, голман Ристо Буралиев, Таки Гаволо од Битола, Миле Гарванлиев-Рочич, Ванчо Ловцалиев, Ѓорги Панов-Бели, Ѓорги Боцинов и Илија Чулевски. Активни играчи биле Сандо Белев, Илија Костов, Асен Белев, Васил Андонов, Васо Георгиев а од постарите Ристо Филипов, Јордан Николов-Бокото, Трајко Атанасов, Ташо Методи Трендов, Славчо Минанов, Методи Босиланов, Киро Косев, Кољо Стоев, Коста Динов и други.

Во пролетта 1946 година е формиран Фудбалскиот сојуз на Македонија. На 51 март и 7 април се одржани првите квалификациони натпревари за формирање на Републиканска фудбалска лига. Во пролетта 1947 година и струмичките фудбалери официјално се вклучија во натпреварувачкиот систем. Главниот одбор на ФИСОМ (Фискултурниот сојуз на Македонија), со цел унапредување на фудбалската игра, а наедно во системот на натпреварување да бидат вклучени што поголем број клубови, двете регистрирани до тој момент се поделени на пет натпреварувачки скопски фудбалски екипи во групи: со шест екипи, Битолска со седум, Велешка со шест, Штипска и Струмичка со три екипи. Во Струмичката група, покрај Илинден, влегоа и екипите на Ванчо Китанов од Пехчево и Малеш од Берово.

Само по една фудбалска сезона, дотогаш постојната Републиканска лига од шест членови е расформирана, а клубовите се поделени во шест групи и четири фудбалски зони. Првакот на групата влегувал во фудбалската зона. Првопласираните екипи во зоните во меѓусебни квалификации игра за добивање фудбалски првак на Македонија и овој систем на натпреварување не трае долго. Во почетокот на 1948 година, на Второто републичко фудбалско советување во Скопје, е одлучено по завршување на Зонското првенство, да се формира Македонска републичка лига од шест члена, од првопласираните и второпласирани екипи од некои од четирите зони, како и еден член што ќе се добие од квалификација помеѓу првопласираните екипи во трета и четврта зона. Струмичките фудбалери и втората прилика за влегување во РФЛ не ја искористија.

ФК БЕЛАСИЦА НИЗ ВРЕМЕТО

Во сезоната 1948/49, со одлука на ФСМ, Републичката лига беше зголемена од шест на десет членови. Новите членови требаше да се добијат по пат на квалификации по двоен куп-систем. Во вториот обид за пласман во повисок ранг на натпреварување, Струмичките фудбалери настапија под своето првобитно име Беласица. Како најдобро пласирана екипа во Штипската зона, ФК Беласица овојпат предводена од искусниот фудбалер Чедо Хациски-Цингис, првиот квалификационен натпревар го одигра против претставникот на битолската зона Охрид од истоимениот град. Охрабрени од нерешениот резултат од 2:2 во Охрид, играчите на ФК Беласица и тренерот и беа толку самоуверени, што со едната нога веќе се гледа во Републичката лига. Меѓутоа, на зелениот терен во Струмица сметките испадна поинакви. Интересно, само Волкановски постигна пет гола за гостинската екипа. Стрелец на единствениот гол за ФК Беласица беше Димитар Панов. Трагичари во тимот ФК Беласица заедно со исто така, самоуверениот тренер Хациски, беа Васил Грчев, Ѓорги Панов, Ѓорги Боцинов, Ило Гогов, Васил Андонов, Илија Чулевски, Димитар Панов, Тимо Ефтимов, Ванчо Ловцалиев и Сандо Георгиев.

По неуспехот и во вториот обид за пласман во повисок ранг на натпреварување ФК Беласица продолжи да се натпреварува во рамките на една од седумте зони – Штипската, заедно со Плачковица од Радовиш, Брегалница од Штип, Малеи од Берово, Ванчо Кишанов од Пехчево и Први Мај од Делчево.

Во почетокот на 1950 година во Струмица е формирано ново спортско друштво со секции за фудбал, атлетика, кошарка и одбојка. Во новоформираното друштво Работник преминаа голем број првотимци од Тиверија. Бидејќи, кога ФК Беласица стана член на четвртата фудбалска зона, некои од првотимците (Гуро Ефтимов, Драги Бошковски-Вукас и други) преминаа во ФК Беласица, во Тиверија настана вистинска криза за играчи.

Во исто време започнува изградба на фудбалски стадион со трибини за 5.000 гледачи. Освен фудбалското, на стадионот е изградено и кошаркарско и одбојкарско игралиште, пливачки базен и лесно-атлетска патека. Управата на ФК Беласица почнува со сериозни чекори за унапредување на фудбалот.

Покрај тренерот на сениорската екипа Чедо Хациски, поранешниот фудбалер на ФК Беласица Јордан Николов-Бокото е задолжен за работа со подмладокот на ФК Беласица. Бокото за кратко време успеал да открие млади талентирани фудбалери, со кои во 1950 година учествуваше на Младинското првенство на Македонија и успеа да го освои првото место во групата во која учествува младинците на скопски Вардар, гевгелиска Локомотива, штипска Брегалница, Слога од Скоје и на Осогово од Кочани.

Беласица во јули истата година во Битола учествуваше во квалификациите за младински првак на Македонија, со победниците на групите: Работник од Битола, Кожув од Гевгелија и Милиционер од Скопје. Истата година учествуваше во квалификациите за младински првак на Македонија. Успешниот настап на Струмичките младинци на турнирот, особено победата над Работник од 6:0, со големо одушевување беше примен од симпатизерите кои масовно ги пречекува од гостувањата.

ФК Беласица

ФК БЕЛАСИЦА ВО РЕПУБЛИЧКА ЛИГА

ФК Беласица

СТРУМИЦА ИЗВОР НА ФУДБАЛСКИ ТАЛЕНТИ

ФК Беласица

СТРУМИЧКА ФУДБАЛСКА РЕНЕСАНСА

ФК Беласица

ДОСТИЖНА ЛИ Е ФУДБАЛСКА ЕВРОПА