СТРУМИЦА ИЗВОР НА ФУДБАЛСКИ ТАЛЕНТИ

Почнувајќи од 1960 година, Струмица сосема заслужено го доби епитетот на фудбалски расадник. Бројот на талентирани фудбалери целосно ги задоволи потребите на локалните клубови Беласица и Тиверија, па затоа голем број фудбалери побараа место во редовите на штипска Брегалница, прилепска Победа и Тетекс од Тетово, тогашни членови на Втората сојузна лига, како и во повеќе тимови од Републичката лига на Македонија (првенствено од Скопје, Гевгелија, Кратово, Богданци и Валандово).

Интересен е податокот дека најголем број струмички фудбалери во еден подолг временски период ги бранеле боите на штипска Брегалница, почнувајки од Ѓорги Боцинов, Славко Дорлев, Ванчо Танчев, Томе Семенков, Благој Ашиков, Мирко Цидалов, Боро Георгиев, Митко Порлев и неговиот помал брат Атанас Дорлев пред да замине во љубљанскиот прволигаш Олимпија, додека пак, Ристо Божинов целата фудбалска кариера ја помина на стадионот покрај Брегалница, добивајќи го на крајот заслужено признанието Фудбалер на векот во Штип.

Гевгелија, Богданци и Валандово, исто така, добро ги почувствува благодетите од струмичкиот фудбалски расадник. Така, Мојсеј Морарцалиев во зенитот на својата фудбалска кариера премина во Гевгелискиот републички лигаш Кожув, а потоа во Вардарски од Богданци, каде што се задржа подолго време. Во Богданци заминаа и Ристо Анчев, Илија Андреев и Атанас Мишев.

По влегувањето на Валандовска Победа во Македонската фудбалска лига, во Нејзиниот состав премина струмичаните Томе Аљоков, Мирко Карамучев, а подолго време стандарден првотимец на Победа беше и Петар Бинев. За одбележување е тоа што за премин на фудбалери од Струмица во други тимови, особено кога се работело за повисок ранг, не постоеле никакви тешкотии. Особено без никакви проблеми било преминувањето на фудбалери во месниот клуб Тивериja и обратно.

“Селидбата” на фудбалери од Струмица започнува во 1963 година, кога Стручниот штаб на скопски Вардар му “фрли око” на Ѓоко Ѓорѓиев. Во наредната година во Прилепскиот второлигаш Победа се преселија Благој Истатов, Ванчо Дрвошанов, Александар Трајков, а подоцна и Благој Георгиев и Костадин Дине Секулов, кои подолг период го сочинувaa одбранбениот ред на Победа. Во исто време, Стево Грнчаров, а по него и Митко Георгиев — Шеки, преминаа во Тетекс од Тетово, кој се натпреваруваше и во Првата сојузна лига.

Потоа следуваше преминувањето на Васил Рингов во белградски Партизан, па во Тетекс и скопски Вардар, а извесно време тој беше член и на Динамо од Загреб, за на крајот фудбалската кариера да ја заврши во Вардар. Исто така, боите на Вардар успешно ги бранеa Ѓоко Ѓорѓиев, Никола Секулов и Атанас Грнчаров.

Меѓу фудбалерите преселници од Струмица спаѓаат и талентираниот голман Благој Георгиев кој го бранеше голот на скопски Вардар, пред да ја продолжи кариерата во Ираклис од Солун, како и голманот Стојан Босиљанов кој од Беласица премина во Работнички од Скопје, а потоа во Борец од Велес и таму остана до крајот на фудбалската кариера. Ратко Стојанов од Беласица премина и успешно ја заврши фудбалската кариера во ФЦУ од Скопје, а Ристо Данев во Југококта, исто така од Скопје. И Жанко Савов од Беласица кариерата ја продолжи во ФЦУ.

ФУДБАЛОТ КАКО СЕМЕЈНО НАСЛЕДСТВО

Во Струмичкиот фудбал е присутен феноменот младите фудбалери да тргнат по примерот на својот татко или во првиот тим на ФК Беласица истовремено да настапуваат двајца браќа. Има случаи со фудбал да се занимаваат по тројца членови од едно семејство. Така, на пример, во исто време дресот на Беласица го носеле Димитар и Трајко Панови, Ристо (голман) и Сандо Тошеви и др. Меѓу семејствата од кои излегле по тројца фудбалери би ги спомнале Илија, Спиро и Миле Маказлиеви, Костаке, Тимо и Томе Ефтимови, Мито, Петар и Ратко Стојанови, потоа Славко, Димитар и Атанас Дорлеви. По примерот на својот татко, фудбалери станале Васо и Боро Калапоцеви, Јосиф и Коле Христови, Кирил и Перо Динкови, Јосиф и Драги (Кискино) Андонови, Методи и Димитар Босиљанови, Мито и Лупчо Мадирови, Мите и Илија Матеничарови.

Меѓу браќата, пак, што го носеле фудбалскиот дрес ќе ги спомнеме: Киро и Душко Панови, Блажо и Гошо Ристоманови, Асен и Сандо Белеви, Васо и Бранко Георгиеви, Ѓорги и Методи Босиланови, Васил и Томе Семенкови, Митко и Костадин Секулови, Васил и Кирил Рингови, и Миле Миленкови, Ѓорги и Митко Танчеви, Кивко и Мирко Пидалови, Ванчо и Пешо Танчеви, Милчо и Благој Ризови, Илија и Петар Андрееви, Мирчо, Костадин и Благој Карамучеви, Ристо и Санде Тошеви, Томе и Зоран Балдовалиеви, Горан и Сашко Пандеви, Васил и Ристо Панови и внукот Митко, како и браќата Ташо, Сандо и внукот (фудбалски интернационалец) Данчо Масеви.

ФК Беласица

СТРУМИЧКА ФУДБАЛСКА РЕНЕСАНСА

ФК Беласица

ДОСТИЖНА ЛИ Е ФУДБАЛСКА ЕВРОПА

ФК Беласица

ОСНОВАЊЕ И ПОЧЕТОЦИ

ФК Беласица

ФК БЕЛАСИЦА ВО РЕПУБЛИЧКА ЛИГА